После неколкумесечна истрага, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, заедно со Истражниот центар и Лабораторијата за дигитална форензика, во соработка со МВР, спроведоа акција во струшкиот и гостиварскиот регион. Во рамките на акцијата беа приведени четири лица, три од Гостивар и едно од Струга, за кои постои основано сомнение дека се вклучени во кривичното дело „Терористичка организација“ согласно член 394-а од Кривичниот законик.
Првосомничениот, дваесет и едногодишен маж од Гостивар, на почетокот на 2024 година формирал и активно координирал терористичка ќелија, која вклучувала други осомничени и непознати лица од Македонија и странство. Организацијата, базирана на идеолошката матрица на терористичката група ИСИС, имала намера да изведе терористички напади на цивили и јавни објекти. Првосомничениот користел социјална мрежа (Telegram) за координирање активности, споделување пропаганден материјал на ИСИС, регрутирање нови членови, како и за организирање на набавка на оружје и изработка на импровизирани експлозивни направи.
Со оглед на сериозноста на кривичните дела, околностите и ризикот од бегство, јавниот обвинител предложил на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје да им биде определена мерка притвор на осомничените во траење од 30 дена.