Работна група во Министерството за европски прашања ќе ги „чешла“ странските директни инвестиции

Странските директни инвестиции, ќе ги чешла Работна група која денеска беше формирана во Министерството за европски прашања. Според министерот Орхан Муртезани, воспоставувањето на национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции е особено важно за државата не само како потврда дека националните политики ги следат трендовите и политиките на нашите стратешки партнери ЕУ и САД.

„Работната група е потврда дека имаме капацитет да воспоставиме правна и институционална рамка за справување со потенцијалните ризици по безбедноста и јавниот ред и мир, поврзани со странските директни инвестиции“, рече Муртезани.

Муртезани, на конститутивната седница рекол дека со формирањето на Работната група е преземена обврска за дефинирање на национален систем и правно решение за проверка на странските директни инвестиции, кој ќе се гради на инклузивен начин со сите засегнати страни и меѓународната заедница. Ова е нотирано и во Скрининг извештајот за Кластер 6, каде Комисијата нотира дека планира да донесе законодавство до крајот на 2025 и да има функционален систем во 2026 година.

„Обврската е поврзана и со заложбите во рамките на Берлинскиот процес бидејќи на последниот Самит се донесе документ за регионални критериуми за воведување на национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции. И конечно механизмот за скрининг на странски директни инвестиции претставува интегрален дел од Стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД. Регулативата на ЕУ е сложена и нејзината важност континуирано се зголемува во светот кој постојано се менува и поларизира. Странските инвестиции треба да се проверуваат за корозивен капитал – финансирање кое има политичко влијание наместо економски бенефит. Ваквиот капитал најчесто потекнува од авторитативни режими и ги искористува институционалните слабости за да влијае на економските, политичките и социјалните случувања во земјата“, рекол министерот.

Од Министерството за европски прашања, преку соопштение информираат дека работната група е составена, од претседател Драган Тилев, кој доаѓа од Министерството за европски прашања, заменик претседател, 13 членови и нивни заменици.

„Задача на Работната група е разработка и предлог на правно решение за воспоставување на функционален национален систем за проверка на странските директни инвестиции, кој ќе биде компатибилен со националните системи за проверка на странските инвестиции на земјите членки на Европската Унија и во корелација со Регулативата на ЕУ за механизам за координација на скрининг на Странските директни инвестиции (СДИ 2019/452)“, пишува во соопштението на Министерството за европски прашања.

Зачлени се на нашиот е-билтен