Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали власта знаела за бегството на Груби и Бајрами?

Обвинетите за проневера во Државната лотарија, Артан Груби и Прпарим Бајрами, наводно веќе избегале од државата. Премиерот Мицкоски вчера, во одговор на новинарско прашање, рече дека Бајрами одамна ја напуштил земјата, а според информациите од министерот Тошковски, Груби сè уште не е вратен од Косово. Во моментов нема информација дали тој сè уште е таму.

Ова отвора сомнеж дека двајцата одамна знаеле за истрагата, а вчера се отвори и прашањето кој ги информирал за тоа и дали ќе има постапки против оние кои ја пробиле акцијата на МВР. Дел од коментарите во медиумите и од опозициските политичари се дека Владата знаела и практично овозможила овие лица да избегаат.

Она што е симптоматично и на што обвинуваше опозицијата е дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаа премолчена соработка за одредени закони за кои беше потребен Бадентер и двотретинско мнозинство. Во неколку наврати ДУИ му направи кворум на ВМРО-ДПМНЕ, а тогаш се постави прашањето која е цената и договорот за оваа поддршка ако се знае дека во политиката нема ништо „бесплатно“. И тогаш и сега, премиерот Мицкоски негира каква било соработка со ДУИ.

Сега повторно на површина излегува прашањето дали измените во Кривичниот законик, кои драстично ги намалија казните и роковите за застарување на делата, се дел од пошироката стратегија за заштита на одредени структури. ВМРО-ДПМНЕ, тогаш како опозиција, не се противеше на овој закон затоа што со него низа нивни обвинети функционери се спасија од прогон. Дополнително, сериозно прашање е како се случува обвинетите лица навреме да ја напуштат државата, а надлежните органи да немаат информации, да не реагираат навремено или да немаат инструменти да го спречат ова напуштање на државата, што во принцип значи бегство?

Во целиот наплив на информации и вести вчера, медиумите го пренесоа и „обвинувањето“ на Тошковски дека екс-премиерот Ковачевски и генералниот секретар на Владата Методија Димовски, се опфатени во истрагата, но во соопштенијата од Јавното обвинителство тие не се споменуваат и јасно се наведува дека против нив нема активна истрага.

Првиот впечаток е дека Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ се обидоа набрзина да профитираат од целата ситуација или, но дали вистински ќе има истрага и за нив, останува да се види.

Зачлени се на нашиот е-билтен