Дали Артан Груби и понатаму е во Косово или можеби е веќе во Тирана каде што, според добро упатени соговорници на Рацин.мк, ќе се чувствува многу побезбедно со оглед на фактот дека албанскиот премиер Еди Рама му е добар пријател и заради фактот што Груби има албански пасош.
„Артан Груби е најдобриот Албанец меѓу Македонците и најдобар Македонец меѓу Албанците“, рече Еди Рама за време на заедничката седница на Владите на Албанија и Македонија во Скопје во 2022 година.
Овие причини се доволни за да се претпостави дека за Груби тоа се сосема поволни околности да замине за Тирана кон што се додава уште еден факт, дека косовскиот премиер Албин Курти не му е многу наклонет и дека добро му ги памети неговите комнетари дека ја спроведува политичката агенда на партиите на Албанците во Македонија кои се организираа како опозиција на ДУИ пред и за времер на изборите во нашата земја.
Имајќи го сето ова предвид, не е исклучени дека Груби може да заврши во Тирана ако се знае дека границата меѓу Албанија и Косово за иматели на пасоши на двете земји, практично и не постои.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, осомничен за злоупотреба на службена должност во случајот „Државна лотарија“, на социјалните мрежи првично објави дека е во Косово во приватна посета и дека ќе се врати да му се придружи на семејството.
Но, набргу после тоа, откако и Обвинителството соопшти дека против него е отворена постапка, влезе „во преговори“ со МВР и преку неговиот адвокат порача дека ќе се врати во земјата откако ќе добие гаранции дека наместо во притвор во Шутка, ќе му биде определена мерка домашен притвор.
Тоа е веќе вториот дел од овој случај, но она што остава празнини во постапката е како дошло до тоа тој така лесно да ја помине границата со Косово.
На ова прашање има една верзија за одговор од страна на МВР. Според МВР поранешниот вицепремиер Артан Груби, вчера легално ја напуштил државата на граничниот премин ,,Блаце”, поминувајќи на пасошка контрола, иако требало да биде спрречен бидејќи неговото име било ставено на стоп-листа, односно системот алармирал дека лицето треба да се запре и да не му се дозволи да излезе од државата.
Оваа информација ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој одговарајќи на новинарско прашање рече дека на граничниот премин имало пропусти.
-Сторени се пропусти од страна на одредени полициски службеници од гранична полиција во текот на вчерашниот ден во утринските часови. За истите се води темелна истрага во моментов. Не би сакал да ја претпоставувам постапката од сегашен аспект, но ве уверувам дека за многу кратко време ќе бидете информирани, лично сметам дека таму не е постапено согласно правила и процедури на МВР и сметам дека е сторена голема грешка во рамки на работењето при вршење на задолжителни прегледи што требало да бидат извршени од излегување од Македонија во Косово на одредени лица, одговори Тошковски.
Министерот појасни дека Груби ја дал патната исправа на граничната полиција и дека таа му била вратена и истиот заминал за Косово. Останува нејасно дали службеникот воопшто го внел пасошот во системот или, како што неофицијално се шпекулира, системот по краток застој, потребен за проверката, го вклучил алармот во моментот кога пасошот му бил вратен на Груби по што тој заминал.