Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За Арсовска не е проблем што скопјани ќе останат без вода едно деноноќие, подгответе шишиња со вода

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, изјави дека санацијата на главниот цевковод, најавена за сабота, ќе биде завршена брзо и без потреба од дополнителен дотур на вода.

„Од Водовод веќе информираа дека ова е сложен зафат со оперативен план за затворање на една од главните доводни цевки. Таква санација се прави еднаш во 50-60 години. Овој дефект, заедно со уште три, ќе се санираат викендов. Целиот процес ќе трае колку редовна санација на дефект, без потреба од паника или дотур на вода, изјави Арсовска на прес-конференција пред акцијата за засадување дрвја во новиот Мега Парк во Карпош.

Целосното исклучување на водоснабдувањето ќе започне во утринските часови в сабота, по што веднаш ќе започнат работите на главниот цевковод, информираат од Дежурно-информативниот центар при ЈП „Водовод и канализација“.

„Ќе се работи на замена на големите затворачи (шибери) со димензии од 1.600 милиметри. Ќе се заменат повеќе затворачи на главниот цевковод од десната страна на реката Вардар. Работите ќе се одвиваат на делницата од СП-трговскиот во Ѓорче Петров, па надолу преку Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, сè до Зелениково и Студеничани. Во овие населби ќе има прекин на водоснабдувањето,“ соопштија од претпријатието.

Прекин во водоснабдувањето ќе има и во Автокоманда (ниската зона), како дел од планираните активности.

Од „Водовод“ најавуваат дека работите ќе се изведуваат со максимална брзина за што побрзо нормализирање на водоснабдувањето.

Додека Гази Баба, Општина Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарската улица до американската Амбасада, Визбегово, Бардовци, Автокоманда (високата зона), Ѓорче Петров од „СП Планет“ до Сарај, Сарај, Маџари и Сингелиќ ќе имаат вода.

Арсовска упати апел да не се шири страв или неизвесност меѓу граѓаните, додавајќи дека службите се подготвени и ќе ја завршат работата во рамки на предвидените процедури.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека санацијата е потребна поради излевање на вода на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4. Во сабота, 21 декември, ќе биде затворен главниот градски цевковод кај касарната во Ѓорче Петров за да се поправат неколку сериозни дефекти.

Од „Водовод“ не прецизираа кои населби ќе останат без вода и колку време ќе трае прекинот, но нагласија дека ќе се работи според утврден оперативен план.

Иако посочија од претпријатието дека постепеното затворање на водата ќе започне во 22:00 или во 24:00 часот в петок, а целосното ќе биде во утринските часови в сабота, не знаеја да кажат колку часа ќе трае интервенцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен