Од петок, 20 декември, со почеток од 22:00 часот, граѓаните од десната страна на реката Вардар ќе се соочат со прекин на водоснабдувањето.
Според информациите од ЈП „Водовод и канализација“, водоснабдувањето ќе биде прекинато за жителите на Ѓорче Петров (од СП Планет), Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), Зелениково и Студеничани. Граѓаните се повикуваат навреме да обезбедат резерви на вода.
Вода ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска улица до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски пат, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.
Прекинот е поврзан со санација на дефект на главната водоводна цевка во Карпош (цевковод ф-1600), како и три други дефекти на затворачи на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Никола Парапунов“.
Ова е прво затворање на главниот градски цевковод од 1991/1992 година, кога беше извршен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.
Граѓаните се замолуваат за трпение, бидејќи прекинот ќе трае до целосно санирање на дефектите.