Европската Унија е вистинскиот пат, Обединетото Кралство иако повеќе не е дел од Унијата, сепак дава силна и континуирана поддршка за евроинтегрирањето на земјата, а секое дополнително одлагања им дава простор на другите, особено на Русија, која продолжува да дејствува во регионот со дезинформации, вели во интервју за МИА, британскиот специјален претставник за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, кој беше во посета на Скопје.
На прашањето дали според негова проценка Брисел ќе го прифати барањето на македонската Влада за одложени уставни измени, со цел да се избегне ново бугарско вето, кое не е поврзано со Копенхашките критериуми, туку со билатерални прашања, Пич не дава конкретен одговор, но потенцира дека пристапување во Европската Унија е политика која Обединетото Кралство ја поддржува.
Станува збор за трпение и станува збор за тоа лидерите тука да демонстрираат дека патот кон ЕУ е вистинскиот пат, а и очигледниот, бидејќи сме тука во срцето на Европа. Важно е младите луѓе најмногу да имаат чувство дека се придвижуваат работите за да имаат подобра и просперитетна иднина. Дополнителни одлагања им даваат простор на другите, особено на Русија, која продолжува да дејствува во регионот со дезинформации. Русија започна и продолжува да води нелегална и ужасна војна во европскиот континент. Не е многу далеку од каде што сме денеска. Мора да сме сериозни во фактот дека Русија продолжува со дезинформации преку медиумите и во мојата земја, Русија продолжува да дестабилизира како и со акти на саботажа и шпионажа. Алтернативата, подобриот пат е оној кон Европската унија. И ќе направиме се што можеме да го поддржиме тоа, нагласува Пич.