Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, Воениот оркестар на Армијата, заедно со музичари од вооружените сили на Франција, Унгарија, Италија и САД, вчеравечер одржа предновогодишен концерт во Македонската филхармонија под диригентство на потполковник Горан Илијевски.
Публиката уживаше во синхронизираната изведба на македонски и светски композиции, по интонирањето на државната химна. Настанот, кој е дел од меѓуармиската соработка, има за цел да го истакне партнерството и пријателството меѓу земјите, традиционално организирајќи го во пресрет на Нова година.
Концертот го следеа врвни претставници од државниот врв, меѓу кои претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри, пратеници и дипломатскиот кор.
Воениот оркестар на Армијата зад себе има бројни успешни настапи, како регионални соработки со оркестри од Албанија, Хрватска, Словенија, Бугарија и Црна Гора, како и проекти поврзани со НАТО, меѓу кои и заеднички концерти со САД, Грција и Обединетото Кралство.
Со секој нов концерт, оркестарот ја зајакнува културната и дипломатската врска меѓу сојузничките земји, оставајќи силен впечаток и во домашната и во меѓународната јавност.