Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Амнезија меѓу лидерите на Влен, не се сеќаваат на ветувањето дека ќе излезат од владата ако нема уставни измени

Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, денеска изјави дека Владата работи сериозно на надминување на проблемот со европските интеграции. Според него, уставните измени ќе бидат спроведени само кога ќе има целосна сигурност дека нема да се соочиме со потенцијално вето од Бугарија и дека ќе биде гарантиран завршетокот на процесот.

„Никогаш не сум изјавил дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени до крајот на годината. Кога ја формиравме Владата, не го направивме тоа со една нога надвор, а со една внатре, ниту со уцени за напуштање на Владата“, рече Муртезани, одговарајќи на прашање за време на денешната собраниска седница со пратенички прашања.

За разлика од Муртезани, претседателот на Собранието и еден од лидерите на Влен, Африм Гаши на истото прашање за предизборното ветување на коалицијата „Вреди“ за уставни измени до Нова година, рече дека не знае како да одговори, но и оти не се сеќава дека тоа било напишано во програмата. 

„Не знам како да ви одговорам на ова прашање. Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата, но секако имаше такви изјави. Тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент и елемент, треба две третини од Собранието да гласаат. Како што знаете, сите пратеници од коалицијата ’Вреди’ стојат зад тоа и ако дојдат на дневен ред, ќе ги гласаме и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е тоа најдобро за државата, за сите граѓани и затоа правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога ќе има политички договор околу тоа“, рекол Гаши на брифинг со новинарите.

Лек за оваа амнезија на Муртезани и Гаши е меморијата на интернет и изјавата на нивниот партнер Арбен Таравари. Тој, на 13 мај, 2024 година во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 рече дека во случај да не се донесат уставни измени во период од 6 месеци, ќе размислат за своето учество во Владата.

„Ни требаа 10 години ВМРО и ДУИ, без услови, без ништо, да се изгубат 10 години за да станат дел од НАТО. Вреди е гаранција во Владата дека под секој услов ќе инсистира преговорите со Европската унија да почнат што поскоро и да се направат уставните измени, тоа е услов“, рече тогаш Таравари.

Уште повеќе, еден ден пред оваа изјава, Таравари во „Топ тема“ на ТВ Телмарече дека „гледа светло на крајот на тунелот за уставните измени, до 2028 година можеме да бидеме и полноправна членка на ЕУ“.

Зачлени се на нашиот е-билтен