Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против едно лице и обвинителен предлог против уште четири лица за злоупотреби поврзани со реконструкцијата на фасадата и илуминацијата на зградата на Владата.
Васе Доневски, поранешниот директор на СОЗР во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, предводена од Никола Груевски е второобвинет за злоупотребите со стиропор фасадата на зградата на владата која тогашната власт ја префасадира во барок.
Обвинителството соопшти дека е направена штета на државниот буџет во висина од 184.015.304 денари (околу 3 милиони евра), а првообвинетиот, сопственик на фирмата со своите активности остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 470.018.103 денари (околу 7,65 милиони евра).
Васе Доневски е обвинет затоа што „со умисла поттикнат од првообвинетиот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на договорот не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и покрај тоа што сертификатите и целокупната преписка помеѓу изведувачот на работите и носителите на стручниот надзор во поглед на материјалите и изведбата на декоративните фасадни елементи била доставувана до него, со тоа дозволил декоративните фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики да бидат вградени.“
Доневски инаку веќе е осуден на 3 години затвор за случајот со тендерот за чистење и обезбедување на владини објекти. Но, се уште не ја издржува казната бидејќи поднел жалба пред Апелациониот суд и казната не е правосилна.
Фасадата на владата беше дел од проектот Скопје 2024-та, а обвинението е поднесено бидејќи носителот на тендерот не ги вклучил останатите фирми од конзорциумот во активностите и наместо предвидени материјали за фасадата користел стиропор.