Владата итно да донесе одлука за укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно, како помош за граѓаните да го препродат овој тежок период, побара СДСМ.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција истакна дека во финансиски најтешкиот месец во годината, сметките за електрична енергија се драстично повисоки споредено со претходните месеци.
„Покачените сметки за струја за дури 30 отсто се уште еден огромен ценовен шок за граѓаните, после поскапувањето на храната и парното. Астрономски високите сметки за струја се директна последица на непособноста на владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со укинувањето на субвенциите за струја, ВМРО-ДПМНЕ жестоко удри по џебот на граѓаните. Соочени со сметки кои достигнуваат од по 8.000, 10.000, 15.000 денари, дел од граѓаните бараат начин како да ги платат, а други бараат корегирање на сметките“, рече Кузеска.
СДСМ, според неа, има решение и ја повика Владата итно да донесе одлука за укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно, како помош за граѓаните да го пребродат овој тежок период.
„Оставени на милост и немилост, луѓето се доведени во состојба да бираат дали да платат сметки за струја и парно или да купат храна“, рече портпаролката Кузеска.