Курти очекува нов однос кон Косово по поразот на Вучиќ

Курти
Фотографија од Фејсбук страницата на Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти се надева дека политичките промени во Србија ќе донесат поинаков однос на Белград кон Косово и кон Албанците во Прешево, Бујановац и Медвеѓа. Сепак, тој оцени дека допрва треба да се види кој ќе ја преземе власта и каква политика ќе води.

На денешната 64. седница на Главниот одбор на Самоопределување, Курти зборуваше за исходот од парламентарните избори во Србија. Посочи дека студентската листа завршила прва, коалицијата на Александар Вучиќ го изгубила парламентарното мнозинство, а листата на Ивица Дачиќ останала надвор од Собранието.

„Знаеме кој ја изгуби власта во Србија, но сè уште не знаеме кој ја доби“, рече Курти.

Поразот на Вучиќ и Дачиќ го поврза со политичките промени од почетокот на векот, нарекувајќи ги политички наследници на Слободан Милошевиќ и Воислав Шешељ. Според него, изборниот пресврт треба да биде проследен со промени во институциите и во односот кон соседите.

Курти повика на соочување со минатото, институционална декриминализација и внатрешна демократизација на Србија. Меѓу условите што ги наведе за нормализирање на соседските односи беше и она што го нарече „денацификација на политичкиот говор“.

Во обраќањето нагласи дека расветлувањето на злосторствата врз албанските цивили, откривањето на масовните гробници и утврдувањето на судбината на исчезнатите остануваат обврски кон жртвите и нивните семејства. Се заложи за добрососедски односи засновани врз еднаквост и меѓусебно почитување, со целосна нормализација и заемно признавање меѓу Косово и Србија.

Дел од говорот го посвети и на резултатот на Албанската коалиција на српските избори. Според бројките што ги изнесе, коалицијата освоила 27.670 гласа и обезбедила два пратенички мандата.

Успехот го припиша на обединувањето на албанските политички субјекти, оценувајќи дека тие успеале заедничкиот интерес да го стават пред партиските разлики.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?