Социјалдемократите денеска одржаа партиска трибина по повод 25 годишнината од формирањето на Форумот на жени на СДСМ. Партискиот лидер, Венко Филипче во своето обраќање рече дека во нашата држава, па и во поширок контекст во регионот, се соочуваме со многу стереотипи и предрасуди, во врска со женското лидерство.
„Родовото прашање често се доведува до прашање на доминација. Тоа е погрешно и на тоа треба да се работи. Во таа смисла, женското лидерство е клучно прашање, бидејќи со самото лидерство може да се смени перцепцијата за доминација“, рече Филипче.

Затоа СДСМ и посебно Форумот на жени има исклучително важна улога, потенцираше Филипче потенцирајќи ги реализираните политики и проекти во изминатиот период и највувајќи нови во духот на прогресивната социјалдемократија.
„СДСМ многу направи за да ја препознае вистинската улога на жената како лидер во општеството. Исполни голем број на ветувања, што значи признавање на улогата на жената во општеството и материјализирање. Ќе го издвојам Законот за абортус којшто го работевме со пратеничките во изминатите состави, којшто на прво место ја постави волјата на жената и што да прави со своето тело. Ќе ве потсетам како беше во минатото, решаваа за жената некои комисии. Вербата во идејата е важна и ние ќе продолжиме да ја унапредуваме и да ја имплементираме преку нови политики, заедно со Форумот на жени, во следниот период“, додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
