Професорот и претседавач со Советот на Град Скопје, Трајко Славески, со објава на Твитер ја оспори синдикалната месечна потрошувачка кошничка, тврдејќи дека едно просечно македонско семејство има три, а не четири члена.
Но, оваа позиција на Славески директно се судира со програмските заложби на неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ. Во Платформата 1198 за претстојните парламентарни избори, партијата вети низа мерки за поддршка на семејствата и зголемување на наталитетот, токму со цел да се спречи демографскиот пад. Ако според Славески четиричлено семејство не е репрезентативен стандард, зошто тогаш партијата предложи и сега и во минатот финансиски стимулации за прво, второ, трето и секое следно дете? Ако просечното македонско семејство е со три члена, тогаш зошто ВМРО-ДПМНЕ инсистира на стимулативни мерки за повеќедетни семејства?
Според него, податоците од последниот попис во 2021 година покажуваат дека повеќето домаќинства во Македонија се со три или помалку членови, па затоа постави прашање зошто синдикатите ја пресметуваат месечната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство.
Според изборната програма партијата вети еднократна финансиска помош од 250 евра за прво родено дете, 500 евра за второ, 750 евра за трето и секое следно, како и враќање на персонален данок за мајките. Дополнително, партијата најави зголемена поддршка за новороденчиња, бесплатни ин витро постапки и загарантирано место во градинка за секое дете.