Безбедносната конференција во Минхен – можност за средба меѓу македонски и бугарски високи претставници! „Има креативни предлози“ вели Сиљановска

Минхенската безбедносна конференција е местото каде што е можно да се оствари средба на повисоко ниво меѓу македонски и бугарски високи претставници, по формирањето на новата Влада во Софија минатиот месец. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека досега немаат остварено комуникација со новата Влада на Бугарија и очекува шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски да одржи средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција што треба да започне на 14 февруари.

– Немаме остварено контакти со новата бугарска Влада. Очекувам сега на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, министерот за надворешни работи да оствари средба со неговиот колега од бугарската Влада, но се уште нема потврда за такво нешто. Доколку се случи, се разбира, јавноста ќе биде информирана, рече Мицкоски.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, гледа деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес. Според нејзините сознанија, како што изјави вчера, има исчекор. Ново е, рече таа, тоа што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“. 

Според претседателката, процесот не зависи само од земјава која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата, потребно е време, добра волја и манифестирање добрососедство.

Сиљановска-Давкова очекува во директните средби да се разговара за можните решенија, а во добрососедството, како што истакна, не може да препознае вето и слични закани.

– Гледам деблокада. Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање, Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија. Она што е ново и инспиративно е дека групата за пријатели на Западен Балкан, што значи и наши пријатели, е активна. Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4. Знаете дека склучивме Договор за заедничката меѓунардона и безбедносна политика. Впрочем, иако не сме членка на ЕУ имаме целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика и мислам дека треба време, треба, она што е најважно – добра волја, треба манифестирање добрососедство. Во добрососедството не можам да препознаам механизми како ветото и сличните закани, рече Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање во врска со објавата на „Еуроактив“ дека Бугарија останува на ставот за промена на Уставот како дел од Преговарачката рамка.

Зачлени се на нашиот е-билтен