Мицкоски и Таравари прво ќе го менувале грбот, економијата ќе почекала

За министерот за здравство и еден од лидерите на владината коалиција Арбен Таравари, прашањето за иницијативата за државните симболи грбот и химната било – интересно прашање.

“Факт е дека Македонија е една од ретките посткомунистички држави каде што химната и грбот не се сменети. Можеби се една или две држави освен Македонија. Јас зборувам во име на ВЛЕН, ние сме подготвени да седнеме и да разговараме за се. За жал во минатиот период повеќе чувствителни теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Подготвени сме да разговараме за пакет на мерки кои се останати нерешени во минатите дваесет, триесет години и во пакет да ги решиме. Зошто да тука да биде и грбот и химната и 20 % и други ако има етнички прашања и да се фокусираме, да се концентрираме веќе на  економија, антикорупција, евроинтеграции, тоа што ни се најбитни теми оти луѓето највеќе ова ги интересира, подобри плати и подобар живот“, рече министерот Таравари.

Овој став на Таравари за СДСМ е шокантен.

„Оваа шокантна изјава на министерот Таравари, кој се занимава со сè освен со здравството, за што е задолжен, потврдува дека Владата целосно се има откажано од она што навистина им е приоритет на граѓаните. Наместо решенија за реалните проблеми, Владата ќе го замајува народот со теми од минатото за да го одвлече вниманието од болната сегашност“, оценија од СДСМ.

Од опозициската партија уште истакнуваат дека „реалноста е дека за само осум месеци, Владата ја втурна државата во економска криза и сега ѝ требаат овие теми за да ја дефокусира јавноста“.

По овие најави, повеќе од јасно е дека граѓаните ќе бидат „хранети“ со теми за поделба на јавноста, додека државата тоне во сиромаштија, а животниот стандард пропаѓа, сметаат од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен