По изјавата на британскиот премиер Кир Стармер дека Велика Британија е „подготвена“ да испрати мировни трупи во Украина, и Германија изрази готовност да се приклучи на таквиот план. Пратеникот од демохристијанската партија во германскиот Бундестаг, Јирген Харт, изјави дека Германија ќе биде дел од мировната мисија за да се обезбеди прекин на огнот и да се осигури трајниот мир во Украина.
„Не сакаме да влеземе во таа војна, но постои јасна правна основа за мировна мисија која ќе обезбеди стабилен мир“, изјави Харт за Би-Би-Си, додавајќи дека Германија не би можела да го пропушти ова.
Коментарите на Стармер дојдоа непосредно пред денешниот вонреден самит на европските лидери во Париз, каде што се расправа за стратегијата за справување со напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да постигне договор со рускиот претседател Владимир Путин и неговите најави за намалување на распределбите на САД за европскиот одбранбен систем.
Шведска, пак, не ја исклучува можноста за испраќање на војници во Украина како дел од мировните сили по завршувањето на војната. Шефот на шведската дипломатија, Марија Малмер Стенергард, изјави дека првиот чекор треба да биде преговори за праведен и одржлив мир, кој ќе ја гарантира стабилноста на Украина и ќе спречи идни агресии од Русија. Таа додаде дека по постигнувањето на таков мир, Шведска не исклучува ниту една опција, вклучително и учество во мировната мисија.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар, Марко Рубио, пристигна во Саудиска Арабија за да започне преговори со руски претставници за крај на агресијата на Русија против Украина, која трае веќе речиси три години.