Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе воведат 25% царини за Европската унија, тврдејќи дека блокот е „формиран за да ги зафркне Соединетите Држави“.
„Донесовме одлука и наскоро ќе ја објавиме. Ќе биде 25%“, рече Трамп на владиниот состанок, додавајќи дека тарифите ќе важат за автомобили и други производи.
ЕУ најави брз и „цврст“ одговор на американските мерки, нарекувајќи ги неоправдани. „ЕУ ќе ги заштити своите бизниси, работници и потрошувачи“, соопшти Европската комисија.
Трамп, кој веќе најави тарифи за Канада и Мексико, инсистира дека странските автомобили, лекови и чипови ќе бидат следни на удар. Францускиот претседател Макрон, кој се сретна со Трамп, изрази надеж дека го убедил да се фокусира на Кина наместо на Европа.
Според „Блумберг“, царините би можеле да погодат 29,3 милијарди долари од извозот на ЕУ, а економистите предупредуваат дека мерките можат да ѝ наштетат и на американската економија.