Едно од децата пронајдени во куќата во Брчко е старо само шест месеци, а десет од нив се помали од две години, соопшти денес МВР на Брчко дистрикт по состанокот на официјални претставници за натамошната грижа на малолетниците.
Во куќата во населбата Ивици, во вторникот беа пронајдени 31 дете, а досега се приведени осум лица осомничени за различни кривични дела – од трговија со луѓе до занемарување на деца. Меѓу приведените има и роднини на децата.
На состанокот во градското собрание на Брчко присуствуваа градоначалникот Синиша Милиќ, главниот координатор на Владата Есед Кадриќ, в.д. главниот обвинител Радмило Ивановиќ, шефот на полицијата Горан Писиќ и секретарот на Црвениот крст Денис Шехановиќ.
Разговарано е за обезбедување соодветна грижа и заштита за пронајдените деца. Најмалото е бебе од шест месеци, најстарото има 12 години, а десет деца се помали од две години.
„Со оглед на најдобриот интерес на децата и чувствителноста на истрагата, дефинирани се активности за обезбедување медицинска, психолошка и друга стручна помош преку Црвениот крст, Пододделението за социјална заштита и психологот на полицијата“, стои во соопштението по состанокот.
Полицијата на Брчко дистрикт првпат реагирала на случајот на 25 февруари во 08:01 часот, по што бил вклучен претставник на социјалните служби, а подоцна и Црвениот крст. Сите активности се спроведуваат под надзор и координација на Обвинителството на Брчко дистрикт.
„Од почетокот на случајот е вклучен и психолог на полицијата, кој обезбедува стручна помош за жртвите и учествува во разговорите со децата“, се наведува во соопштението.