Либерално-демократската партија бара независна меѓународна експертска проверка на влезот на Алта банка и на други инвестиции поврзани со српски и унгарски капитал во Македонија. Од партијата предупредуваат дека случајот со банката може да биде „првото домино“ со последици за граѓаните и компаниите.
ЛДП ја обвинува власта дека ги промовирала и заштитувала инвеститорите блиски до политичките структури на Александар Вучиќ и Виктор Орбан, без соодветно да ги преиспита ризиците за домашната економија.
Според партијата, случувањата со Алта банка отвораат прашања за влијанието на регионалните политички и бизнис-мрежи врз македонскиот финансиски сектор и за одговорноста на институциите што го одобриле нивниот влез.
„Ова е вистинската цена на политички асистираните зделки и клиентелизмот што се прелева директно врз грбот на македонскиот народ“, се наведува во соопштението.
Од ЛДП бараат целосен отчет за постапките со кои биле одобрени инвестициите што ги оценуваат како сомнителни, како и заштита на средствата и интересите на штедачите и компаниите. Порачуваат дека институциите мора да понудат конкретни одговори за ограничувањата со кои се соочуваат клиентите.
„Граѓаните нема зошто да ја плаќаат цената на туѓите економски авантури и регионални партиски лобирања“, велат од партијата.
ЛДП бара и одговорност за носителите на одлуките. Во соопштението оценува дека по завршувањето на кризата треба да следува оставка од гувернерот и отстранување на политичките влијанија од надлежните институции.
„Парите и судбината на граѓаните не се монета за поткусурување на балканските и регионалните олигарси“, порачува ЛДП.

