Најчевска: Одлуката на Апелација да ја преполови казната на Боки 13 е проблематична по повеќе основи

Одлуката на Апелација за речиси за половина да ја намали затворската казна на која беше осуден Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, во 2020 година во предметот „Рекет/Поткуп“ кога  беше прогласен за виновен и доби казна затвор од девет години за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси“, предизвикува реакции во стручната и општествената јавност.

Рацин.мк побара мислење од д-р Мирјана Најчевска, имајќи ја предвид нејзината експертиза во сферата на човековите права, но и како добар познавач на правосудниот и казнениот систем во нашата земја.

„Според мое мислење ваквото преиначување на пресудата е проблематично по повеќе основи“, вели Најчевска.

Како прво, како проблематичен таа го наведува основот за преиначување од чл. 447 „кога по правосилноста на пресудата ќе се јават околности што ги немало кога се изрекувала пресудата или не биле познати иако постоеле, а тие очигледно би довеле до поблага осуда“

„Имено, здравствените проблеми на осудениот се спомнуваа во повеќе наврати во текот на постапката и судот очигледно решил да не ги земи предвид. Значи тешко може да се прифати дека станува збор за околности кои ги немало или не му биле познати на судот“, коментира Најчевска навратувајќи се на постапката која што се водеше за овој слулај во 2020 година.

Најчевска вели дека „здравствената состојба не е нешто кое судот го зема предвид при одмерување на казната“. Во спротивно, истакнува таа, „сите хронично болни убијци, силувачи, насилници би добиле полесни казни, што би претставувало дискриминација врз основа на здравствена состојба.

„Во затворите во Македонија има многу затвореници со дијабет, висок притисок, срцеви заболувања, како и многу стари затвореници, кои примаат редовна терапија. Затворот треба да обезбеди соодветни услови за издржување на казната затвор за овој вид затвореници, а не да им се намалува казната“, укажува д-р Мирјана Најчевска.

Таа го коментира и делот од одлуката на Апелациониот суд за преиначување на пресудата дека намалената казна “доволно воспитно ќе се влијае врз осудениот, во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела“.

„Овој заклучок е спротивен на фактот дека во време кога осудениот бил надвор од затвор на домашно лекување тој  бил дел од нелегална активност која била откриена од страна на УЈП“, потсетува Најчевска.

За Најчевска проблематично е тврдењето за исклучително тешката здравствена состојба и потребата од постојано домашно лечење ако се има предвид снимањето на музички спот во период кога осудениот би требало да се наоѓа во затвор.

„На ваков начин се дезавуира правото, се промовира дискриминација врз основа на имотна состојба (која му овозможува да го затрупа судот со голем број лекарски “мислења“) и се отвора врата за неказнивост“, истакнува д-р Мирјана Најчевска во одговорот за Рацин.мк да ја толкува одлуката на Апелација за речиси за половина да ја намали затворската казна на која беше осуден Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, во предметот „Рекет/Поткуп“ кога  беше прогласен за виновен и доби казна затвор од девет години за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси“.

Зачлени се на нашиот е-билтен