Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира улиците, домовите, болниците, училиштата, институциите, јавните простори и социјалните медиуми и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината, пишува во најавата за маршот, кој утре, на 8 Март, на меѓународниот ден на правата на жените, го организираат повеќе граѓански организации.
Во повикот за поддршка и учество на маршот, се наведува:
Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни, геноцид и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
Ако, сепак, ја земеме ружата како симбол на женската самоодбрана, активност и влијание, тогаш не можеме да останеме глуви и неми на угнетената позиција во која се наоѓаме. Овој систем на нееднаквост и надмоќ се храни од женската слобода и труд.
Затоа жената нема време, можност и привилегија да здивне: нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту смее да земе слободен ден од работа во маркет; како земјоделка, нема право на породилно отсуство, а ниедна мајка сè уште не може да го сподели родителското отсуство со таткото. Мајката не може да најде ниту градинка што е доволно блиску, а пак на бремената жена ѝ се заканува отказ и/или кариерно уназадување. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување.
Нашата работа е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Во Македонија жените заработуваат помалку од мажите за истата работа, а на секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Вработените жени редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг, вулгарни коментари за својот изглед, сексистички хумор, омаловажување и потсмев на своите работни места.
Жената не може ниту слободно да се движи низ својот град – улиците немаат доволно осветлување, а јавниот превоз, кој таа почесто го користи, е крајно нефункционален или, како што е случајот во руралните места, непостоечки. Жената не е безбедна ниту во јавните, ниту во приватните простори – таа е брутално напаѓана од своите роднини и интимни партнери, од пријатели и непознати, кои ја демнат, уценуваат, тргуваат, тепаат, силуваат, убиваат…
И покрај сето ова, ние жените и понатаму на грб ги носиме семејствата и заедниците. Без нашиот труд, светот би застанал. Ние сме клучни за неговото функционирање – тој не би издржал без нас ниту еден ден.
Затоа овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот кој ќе ја покаже тежината што со себе ја носи женската родова улога.
Како ќе го правиме ова?
- На 8 март (сабота) колективно ќе ги бојкотираме големите маркети, ланци и трговски центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција! Тој ден купуваме локално, а идеално би било еден ден да се воздржиме од било какво купување.
- За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 Март ќе ги бојкотираме домашните обврски. Обврските нека ги преземат мажите во домовите, наместо да ни подаруваат ружи.
- За да ја почувствуваме моќта на солидарноста, на 8 Март сите заедно ќе маршираме со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите.
Овој 8 Март жените ќе одморат – од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Еден ден, кога жените ќе здивнат од домашните обврски и ќе стивнат економските активности.
Овој 8 Март мажите ќе ја поддржат борбата за родова еднаквост со тоа што ќе му се приклучат на женскиот бојкот на маркети и трговски центри, ќе ги преземат домашните обврски и ќе маршираат заедно со нас.
Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден.
Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ и повикуваме на ЖЕНСКИ МАРШ – за слобода и автономија од силеџискиот систем!