На преговорите Украина-САД изостана клучна тема: Одговорот на прашањето што го интересира целиот свет останува мистерија

На историскиот состанок во Џеда, во кој учествуваа украински и американски делегации, беше договорено САД да продолжат да обезбедуваат помош за Украина, а Киев исто така изрази подготвеност за привремен прекин на огнот.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој учествуваше на средбата со американската делегација во Џеда, ги соопшти деталите од договорот со Американците.

„Украина ја потврди подготвеноста да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да биде продолжен со заедничка согласност на сите страни, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе“, рече тој.

Умеров потоа додаде дека САД ќе и пренесат на Москва дека реципроцитетот е клучот за постигнување мир и дека веднаш ќе ја укине паузата во споделувањето разузнавачки информации и ќе ја врати безбедносната помош за Украина.

„Делегациите разговараа и за хуманитарните напори, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на цивилни затвореници и враќање на насилно земените украински деца. Беше договорено двете страни да назначат преговарачки тимови и веднаш да започнат преговори за долгорочен мир, кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина.

Со оглед на сето она што го кажа министерот, јасно е дека не е соопштена една многу важна работа за нивниот договор, а тоа е можната поделба на териториите. Не е познато дали ова прашање било тема на средбата, но ниту украинската ниту американската делегација засега не се изјасниле за тоа.

Ова е особено сомнително по вчерашната изјава на државниот секретар Марко Рубио, пред средбата во Џеда, на која тој рече дека Украина мора да ѝ отстапи дел од територијата на Русија како дел од каков било договор за прекин на војната.

„Мислам дека двете страни треба да се согласат дека нема воено решение за оваа ситуација“, им рече Рубио на новинарите додека леташе за Саудиска Арабија во вторникот на клучни разговори со украинските претставници.

„Русите не можат да ја освојат цела Украина и очигледно ќе биде многу тешко за Украина некако да ги принуди Русите да се вратат таму каде што беа во 2014 година во кој било разумен временски период“, рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно овој месец ги отфрли предлозите за мировен договор со кој окупираните украински територии ќе и се отстапат на Русија, велејќи дека „насилното одвојување на нашата територија ризикува дополнителни напади во иднина“.

„Мислам дека оние земји кои не поддржуваат или можеби сакаат да бидат посредници разбираат дека ако војната заврши неправедно, ќе биде само прашање на време кога луѓето ќе побараат правда“, им рече Зеленски на новинарите во Лондон.

Зеленски не присуствуваше на состанокот во Џеда, но во меѓувреме се огласи и рече дека неговата земја е подготвена да прифати привремен прекин на огнот.

„Украина е подготвена за мир“, рече Зеленски.

Тој им се заблагодари на САД за помошта, но исто така беше „нем“ по прашањето за територијална размена.

Да потсетиме дека по средбата во Џеда, претставници на украинската и американската делегација дадоа заедничка изјава.

„САД веднаш ќе ја укинат паузата во споделувањето разузнавачки информации и ќе ја продолжат својата безбедносна помош за Украина“, се вели во извештајот.

Двете земји презедоа „важни чекори кон враќање на траен мир“ за Украина за време на денешниот состанок, додаде Стејт департментот.

Украина, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот од 30 дена.

Двете земји, исто така, соопштија дека се согласиле да склучат договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен