Извор за Рацин.мк: Полицијата морала да има план за постапување врз основа на оперативните информации за ризиците од настанот во Кочани

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Направени се повеќе пропусти во постапувањето на полицијата во однос на обврските кои произлегуваат за обезбедување на настани каков што бил концертот. МВР, односно СВР Кочани, бездруго имале оперативни информации за обемот и природата на настанот со концертот, вели за Рацин.мк соговорник добро упатен во протоколите за постапување во вакви ситуации.

Концертот претходно бил со денови најавуван и тоа е доволен временски период во кој полицијата ги собрала потребните информации.

Согласно тие информации, иако како организаторите не го пријавиле настанот за што би се водело друга постапка, МВР, односно локалната полиција требала да подготви план за обезбедување на настан од таков обем по службена должност.

Тој план требало да содржи план за проценка на ризици и план за контрола на настанот од безбедносен аспект.

Доколку тоа било направено, концертот во Кочани не смеел да се организира без соодветен број на полициски службеници и полициски возила, како и со присуство на припадници на противпожарната служба и брзата помош.

„Имале сознанија и биле должни да го направат тоа“, укажува нашиот соговорник.

Освен тоа, го свртува вниманието нашиот соговорник, ако веќе имало рација за контрола за дрога и за присуство на малолетници, како што соопшти не една од прес конференциите министерот Тошковски, се поставува прашање зошто контролата не била извршена порано, многу порано, пред да се случи трагедијата во дискотеката. Зошто таа рација не била спроведена во 11 или 12 часот, особено кога станува збор за контрола од присуство на малолетници и зошто, кога веќе се правело таква контрола, немало инспектори од УЈП и од инспекторатот надлежен за угостителски објекти, прашува добро упатениот извор на Рацин.мк.

Нашиот соговорник упатува на уште една нелогичност соопштена на прес конференциите на Тошковски и Мицкоски, наводниот фалсификат на лиценцата

„Зошто некој би дал поткуп од 7000 евра за фалсификат лиценца за дискотека, кога за истите пари може да се добие легална“, го поставува како прашање ова соговорникот на Рацин.мк, кој одлично ги познава овие аспекти, како и работата на Министерството за внатрешни работи во однос на контролата и спроведувањето на законските мерки при истражни дејствија за настани каква што е трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани.

Според важечките закони и правилници, за добивање на лиценцата угостителот е должен да поднесе барање за издавање на лиценца на образец за платен надоместок до Министерството за економија и, во зависност од тоа за како објект се работи, ова се следните надоместоци што треба да бидат платени:

– Кабаре – во денарска противвредност од 2.500 до 5.000 ЕВРА;

– Ноќен бар – во денарска противвредност од 5.000 до 7.000 ЕВРА и

– Дискоклуб и дискоклуб на отворен простор – во денарска противвредност од 7.000 до 10.000 ЕВРА.

Од сето ова, како и од други отворени прашања, произлегува дека јавноста допрва треба да ги добие вистинските одговори низ транспарентна и брза истрага за трагедијата во Кочани.

Зачлени се на нашиот е-билтен