Црвениот крст на неопределен период ја одложува Свечената академија по повод 80-годишнината од формирањето

Црвениот крст на РСМ изразува длабоко сочувство, поддршка и солидарност до семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, каде во пожар загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени. Од Црвениот крст информираат дека е донесена одлука, Свечената академија по повод одбележувањето на 80 – годишнината од неговото формирање која требаше да се одржи утревечер под покровителство на претседателката на РСМ Гордана Сиљановска Давкова да се одложи на неопределен период.

„Со голема жал, не потресе веста за страшната трагедија која се случи во Кочани и однесе многу млади животи. Изразуваме длабоко сочувство, поддршка и солидарност до семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани.  На повредените им посакуваме што побрзо закрепнување, сила и храброст да ги пребродат овие тешки моменти“, се наведува во соопштението од Црвениот крст.

Оттаму наведуваат дека во моментите на тага останува сите ние да останеме солидарни и да продолжиме да ја обезбедуваме потребната поддршка за сите семејства погодени од овој трагичен настан.

„Црвениот крст, во рамките на своите надлежности и расположливи капацитети е заедно со семејствата на настраданите и обезбедуваме најразличен вид на поддршка во Кочани и во другите градови каде има сместено повредени лица во болниците. Останува сите заедно да бидеме обединети и солидарни во овие моменти на болка и да продолжиме да ја обезбедуваме неопходната поддршка за граѓаните на нашата земја“, посочуваат од Црвениот крст. 

Зачлени се на нашиот е-билтен