Владата ќе обезбеди превоз и сместување на семејствата на повредените во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во други земји

Владата утре на седница ќе донесе одлука за организирање и обезбедување на превоз и сместување на семејствата на повредените од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, кои во моментов се хоспитализирани во други земји. Владината портпаролка, Марија Митева рече дека сите потребни детали и координација, семејствата на повредените можат да ги добијат на телефонот 070 270 370.

„Во овие моменти семејствата не треба да се грижат за логистика или финансиски оптоварувања кога им се најпотребни на нивните најблиски. Затоа Владата ќе ја преземе одговорноста за покривање на трошоците за транспорт и сместување, обезбедувајќи семејствата да бидат покрај своите најблиски“, рече Митева на прес-конференција.

Нагласи дека Владата денеска донесе одлука да соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации за настраданите од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани со цел да се обезбеди брза и координирана помош. Митева најави дека Владата ќе соработува со Црвениот крст за да има унифицирана поддршка и спречување на злоупотреба и конфузија.

„Имајќи единствена, официјална сметка за донации, ги елиминираме сите дилеми за тоа каде и како да донираме. Ова осигурува дека секој придонес оди токму онаму каде што е најпотребно. За жал, во тешки времиња, дезинформациите може да се шират и сакаме да спречиме каква било несигурност околу каналите за донации“, рече Митрева и посочи дека Црвениот крст веќе има досие за управување со ваква помош.

Зачлени се на нашиот е-билтен