Новинарските здруженија бараат одговори зошто новинари се повикуваат во полиција

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бараат објаснување од Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за цивилно воздухопловство зошто забраната за користење на дронови била објавена откако започнал протестот во Скопје и зошто новинари биле повикани на информативен разговор иако Скопје не е опфатен со забраната. 

– Според достапните информации, забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна. Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана. Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите. Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (член 7, став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено. Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка, се наведува во соопштението од ССНМ и ЗНМ.

Оттаму бараат одговори од МВР и АЦВ по кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти и зошто медиумите не се навреме информирани за ограничувањата.

– Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејствија што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес. Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите, се вели во соопштението од ССНМ и ЗНМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен