Во повеќе градови низ државава синоќа се одржаа собири во спомен на жртвите од трагичниот пожар во дискотека „Пулс“ во Кочани. Граѓаните изразија сочувство и поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, барајќи одговорност од институциите. Во меѓувреме истрагата за несреќата продолжува, при што за случајот досега се приведени 18, а задржани 16 лица. Погребите на настраданите се закажани за четврток.
Во Скопје, собирот на граѓани го одбележа 16-минутен молк и ѕвездено небо на плоштадот „Македонија“. Илјадници граѓани се собраа да изразат поддршка во овие најтешки моменти.
Во Паркот на Револуцијата во Кочани се одржаа два собири. Првиот, под мотото „Слобода за нашите херои“, каде се бараше ослободување на притворените лица од обезбедувањето, а вториот собир, предводен од митрополитот брегалнички Иларион, беше посветен на молитва за спокој на душите на загинатите и побрзо оздравување на повредените.

Граѓаните на Делчево вчера палеа свеќи во Градскиот парк, изразувајќи почит кон загинатите и упатувајќи молитви за побрзо оздравување на повредените, а битолчани на поворка со свеќа и цвеќе оддадоа почит на загинатите и изразија незадоволство од институциите што не успеаја да ја спречат трагедијата.
Неколку стотини млади луѓе и граѓани на Крива Паланка се собраа пред општината, палејќи свеќи и молејќи се за повредените, а собир имаше и на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во Охрид каде што младите изразија загриженост за безбедноста во ноќните клубови и дискотеките.
Штипјани со транспарентот „Доста е“ на кој беа испишани имињата на загинатите, се собраа на Градскиот плоштад „Слобода“ и во поворка одеа низ улиците на градот, изразувајќи почит кон жртвите, Додека, кумановци, се собраа на градскиот плоштад, палејќи свеќи пред фотографиите на починатите и извикувајќи „Правда за Кочани“.
Граѓаните на Струмица се собраа на Градскиот плоштад, палејќи свеќи и потпишувајќи се во книгата на жалост. Младите испратија порака до институциите да функционираат без корупција. Собири се одржаа и во Валандово и Гевгелија.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вчера изјави дека истрагата за пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица, а над 150 се повредени, ќе биде брза и ефикасна и најпрофесионално изведена. Вели дека мора да се соберат сите докази и затоа обвинителскиот тим постапува многу претпазливо.

– Ветив и ќе останам на тоа ветување дека истрагата ќе биде брза и ефикасна. Меѓутоа не значи дека ќе биде избрзано. Мора да се соберат сите докази по легален пат, мора доказите да си имаат доказно својство, односно да бидат на законит начин прибавени, што значи дека обвинителскиот тим постапува многу претпазливо, и многу внимателно, рече Коцевски во гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Коцевски нагласи дека се работи за навистина многу тежок, комплициран предмет каде што има многу жртви и посочи дека ќе се утврдуваат сите факти и околности во однос на причините за несреќата.
Тој ги сподели последните информации за постапката, според кои мерка краткотраен притвор досега е побарано за 16 лица.
– За разлика од вчерашниот ден кога имаше 14 лица, а во моментов има 16 лица со тоа што уште едно лице во моментов чека во зградата на Јавното обвинителство, по барање на ЈО од страна на судот да се определи мерка 48 часовен притвор. Тоа што можам да кажам е дека има уште три лица кои се хоспитализирани, меѓутоа по нив не може сега да се постапува имајќи предвид дека се во болница, со тоа што едното е надвор од државата, а другите две лица се тука во државата, кажа Коцевски, додавајќи дека кога медицинскиот персонал ќе каже дека ќе може со нив да се изврши разговор, тогаш јавниот обвинител ќе постапи.
Коцевски дополни дека местото на настанот е сѐ уште обезбедено, и доколку има потреба ќе се врши и натаму прибирање докази.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на вчерашната прес-конференција во МВР нагласи дека максимално се посветени на овој случај и дека се преземаат чекори во насока на негово разрешување, посочувајќи дека се вршат претреси и сослушувања и дека клучното кое што го преземаат како дејствие „е утврдување на конкретни дејствија на вината без оглед дали станува збор за сторување или за несторување“.

Тој информираше дека за случајот досега се приведени 18, а задржани се 16 лица. Вкупно се извршени разговори со 71 лице, од кои 42 во Скопје и 29 лица во Кочани.
Претреси, рече тој, се извршени на две лица вработени во Министерство за економија, при што се одземени техничка опрема, документација, оружје, муниција, а денеска се извршени спретреси и на службени простории кои се користат од државен советник во рамки на Министерство за економија.
Претреси, исто така, се извршени и кај управителот и одговорното лице на дискотеката, а денеска полициски службеници од одделот за крим-полиција и организиран криминал влегоа и во општината, каде, како што нагласи Тошковски, се преземаат мерки и активности за обезбедување на документација поврзана со дискотеката.
Досега, на 11 лица им е одредена мерка притвор за постоење на основано сомнение за сторени „тешки дела против општата сигурност“, додека, на три лица име одреден притвор за „несовесно работење“.
Тошковски, исто така, информира дека последното задржано лице се товари за „тешки дела против општата сигурност“ во врска со предизвикување на општа опасност, а истото е потписник на еден од потребните документи за ставање во функција на еден кабаре клуб. Поради трагедијата во дискотеката во Кочани министерот одлучи да бидат разрешени началници, помошници и командири во Штип и Кочани, заради, како што кажа, да има целосно независна и ефикасна истрага.
Тој информираше и дека се идентификувани и е завршена обдукцијата на сите 59 починати лица. При пожарот, како што посочи, со повреди се здобиле 196 лица, од кои 20 се деца, додавајќи дека во моментот 93 повредени се на лекување во скопските болници, а 80 се транспортирани во странство и тоа Србија, Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Литванија, Словенија, Унгарија и Хрватска.

Погребите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе бидат в четврток, 20 март, соопшти вчера директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој имаше заедничка прес-конференција со Митрополитот на Брегалничката епархија г.Иларион.
-На погребот ќе присуствува и поглаварот на МПЦ, ОА г.г Стефан, ќе има и повеќе владици од Синодот. Црквата прави се за овие чеда да бидат испратени на најдостоинствен начин од страна на државата, преземено се она што е потребно да се обезбеди достоинствен погреб којшто нема сепак да ја намали болката на оние коишто ги изгубија своите чеда толку млади, изјави Ангелов.
Прашан дали во исто време ќе бидат погребите во сите градови и села низ Брегалничкиот регион, од каде што има загинaто деца и возрасни во пожарот во дискотеката во Кочани, Ангелов вели дека погребите ќе бидат во различен временски период.
Во државава има прогласено седумдневна жалост во име на загинатите, а денови на жалост по повод несреќата беа прогласени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија.
Истовремено, повеќе земји, граѓани и организации нудат помош на семејствата на загинатите и повредените во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 59 лица, а над 150 се повредени.