На 16 март, во трагедија без преседан, така наречената дискотека „Пулс“ на Бел Рид во Кочани однесе 59 млади животи и остави зад себе бројни семејства во неизмерна болка. Македонија тагува, граѓаните сочувствуваат со настраданите, додека властите најавуваат целосна истрага и санкции за сите инволвирани.
Како дојде до оваа катастрофа и ерозија на системот? Кој се е виновен за трагедијата, зошто институциите не го затвориле нелегалното кабаре, кој се замижувал се дел од болните прашањата кои се уште се неодговорени.
Но, некои прашања добиваат дополнителна тежина откако синоќешната емисија „Код“ на Телма телевизија објави шокантни нови детали.
Според истражувањето на „Код“, фирмата „МММ Кафе ДООЕЛ Кочани“, која управувала со дискотеката, имала блокирана сметка уште од 7 ми месец 2024 година.
Според информациите на КОД инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП), последен пат на 21 декември 2024 година извршиле контрола во објектот и утврдиле дека не се издаваат фискални сметки.
Поради тоа, сопственикот бил санкциониран, а дискотеката затворена и запечатена, наведуваат новинарите од КОД.
Оттука, останува непознаница како овој локал повторно започнал со работа.
Кој го отворил повторно дискотеката? Дали некој во институциите замижал пред
нерегуларностите? Кој дозволил објектот, запечатен од УЈП, повторно да прима гости?
Ова се само дел од клучните прашања кои бараат итни одговори.
Овие нови детали ја фрлаат истрагата во нова насока и отвораат простор за дополнителни проверки во институциите надлежни за контрола на вакви објекти.
Јавноста очекува одговори, а институциите се под силен притисок да ја разоткријат целата вистина околу оваа трагедија и да ја вратат довербата на граѓаните во системот на контрола и надзор.