Македонија е кабаре на корупција

Во двата случаи, пожарот во модуларната болница во Тетово и пожарот во „Пулс“ во Кочани, јавноста реагира жестоко поради очигледните пропусти во безбедносните мерки, непочитувањето на стандардите и коруптивните практики кои доведуваат до смрт на невини луѓе. Дополнително, како што Филипче поднесе оставка, сега се поставува прашањето дали Тошковски или други функционери ќе ја преземат одговорноста или ќе се обидат да се дистанцираат од трагедијата.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Овие денови градите на Македонците ги кине чадот од огнот на корупцијата и недоговорноста што тлее со децении во институциите предводени од едните и од другите и од третите, од сите наши и ваши избраници за кои сме спремни да се потепаме само за да дојдат на власт.

Во наше маало велат „не збори пред рука“ или во вулгарен жаргон „не јади г…. пред рука, зашто може и тебе да те најде истото“.

Оттаму во една фигуративна паралела може да се каже дека она што за СДСМ беше тетовската модуларна болница, за ВМРО ДПМНЕ е кабарето „Пулс“ во Кочани.

Како што трагичниот пожар во тетовската модуларна болница во 2021 година стана симбол на институционална неефикасност, и алатка на ВМРО ДПМНЕ за обвинувања за корупција и пропусти во системот за време на владеењето на СДСМ и тогашниот министер за здравство Венко Филипче, така и трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани се претвора во политички товар за владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски.

Во двата случаи, јавноста реагира жестоко поради очигледните пропусти во безбедносните мерки, непочитувањето на стандардите и коруптивните практики кои доведуваат до смрт на невини луѓе. Дополнително, како што Филипче поднесе оставка, сега се поставува прашањето дали Тошковски или други функционери ќе ја преземат одговорноста или ќе се обидат да се дистанцираат од трагедијата.

И двата настани можат да се гледаат како тестови за одговорноста на политичките елити и нивната способност да се справат со кризни ситуации, но и како показател за длабоки системски проблеми во институциите на државата.

Оваа трагедија во Кочани претставува сериозен политички удар за ВМРО-ДПМНЕ и нивната влада. Ако се направи паралела со случајот на тетовската болница, каде што СДСМ ја плати цената на јавниот гнев и недоверба, сега слична ситуација се случува со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Јавната перцепција за корупција и неодговорност нема да се намалат со „доказите за фалсификувана лиценца“ и сомневањата за коруптивни активности во Министерството за економија, без разлика во чие време се случило тоа. Децениското нереагирање сериозно ја нарушува довербата на граѓаните во институциите со кои сега владее ВМРО ДПМНЕ.

Обидите на министерот Тошковски и премиерот Мицкоски да се амнестираат од одговорност дополнително го засилуваат гневот во јавноста.

Протестите и реакциите на јавноста  во Кочани, но и низ сите градови на Македонија, покажуваат дека народот е подготвен да изрази незадоволство преку директни акции, што дополнително ја дестабилизира владата или во најмала рака е засегната од прелевање на сценариото од Србија каде незадоволството од 15 загинати лица се претвори во масовни протести што ја блокираа Србија со месеци.

Опозицијата засега не ја користи ситуацијата за да ја дискредитира власта, но не значи дека ќе остане на тоа.

Слично како што случајот во Тетово беше искористен за политички напади врз СДСМ, трагедијата во Кочани може да стане главна тема на следните избори.

Ако Тошковски поднесе оставка или биде жртвуван како политичка мерка за амнестија на Владата, тоа ќе се доживее како признавање на вина. Ако пак не поднесе оставка, опозицијата ќе го користи тоа како доказ за неодговорност.

Ваквата пат позиција може да иницира внатрешни притисоци и фракции во ВМРО ДПМНЕ од  членови кои ќе бараат одговорност за да се спаси партискиот рејтинг.

Начинот на кој медиумите известуваат за оваа трагедија, особено во контекст на корупција и системски пропусти, ќе има значително влијание врз јавното мислење.

Ако за Мицкоски и за партијата е важен рејтингот, тогаш превземање на одговорност со оставки и реформи е најдобра опција за ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа секако спаѓа оставка на министерот Панче Тошковски. Ако министерот поднесе оставка, тоа би бил обид да се покаже одговорност и сериозност во справувањето со трагедијата.

Понатаму ќе биде нужна внатрешна истрага и најави за реформи. ВМРО-ДПМНЕ би можела да формира специјална комисија која ќе истражува како дошло до издавање на нелегалната лиценца и да понуди конкретни мерки за спречување на слични случаи.

Но за такво нешто е потребна транспарентна јавна кампања за преземените мерки и казнувањето на одговорните лица и во своите редови.

Ова сценарио може да доведе до признавање на системски пропусти во институциите под контрола на владата, што опозицијата ќе го користи против нив, па спред тоа Владата на ВМРО ДПМНЕ најверојатно ќе ја промени тактиката на намалување на одговорноста преку обвинување на пониски функционери. За ова сценарио веќе Тошкоски најави жртвување на пониско рангирани службеници, меѓу кои, секако и сопственикот на дискотеката, одговорните за безбедност и лица од Министерството за економија кои може да бидат обвинети како главни виновници.

Владата, иако цело време говори за систем кој не функционира, сепак би можела да се обиде да ја префрли вината на индивидуалци, а не на системот.

Доколку притисокот од јавноста и од опозицијата почне да се зголемува, во обид да ја намали одговорноста, ВМРО-ДПМНЕ може да тврди дека трагедијата ја користи опозицијата за дестабилизација на државата.

Во македонската политичка пракса сепак најприсутна стратегија е т.н. „пасивен пристап„ и надеж за „заборав“. Тоа значи со минимална акција Владата може да се обиде да „чека“ времето да помине и скандалот да се заборави, со минимални отстапки и без реални промени. За ваквиот пристап можат да погодуваат и контролирани медиуми, преку кои можат да се пласираат вести кои ќе го минимизираат значењето на трагедијата, како што веќе се слушаат повици дека сега не ни требаат протести, туку сплотување околу трагедијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен