Од вкупно 12 објекти со активна лиценца, три не ги исполнуваат минимум техничките услови, покажуваат најновите податоци од Државниот пазарен инспекторат. Ова денеска го соопшти владиниот портпарол Марија Митева, која заедно со директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, и директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски, одржа прес-конференција.
Контролата на останатите девет објекти е во тек, а детални информации ќе бидат објавени подоцна во текот на денот.
„Ќе биде испратено барање до Министерството за економија за одземање на лиценците и забрана за работа за објектите со неправилности, како и примена на сите предвидени казнени мерки“, изјави Митева.
Таа нагласи дека над 10 инспекциски тимови се на терен и контролите ќе продолжат и во наредните денови, вклучително и проверка на објекти кои немаат важечка лиценца, но работеле во минатото.
„Трагедијата во Кочани не е изолиран случај – таа ја покажува слабоста на системот и корупцијата што се таложела со години. Но, никој нема да биде поштеден – јавноста бара правда и ќе ја добие“, порача Митева.