Министерот за здравство Арбен Таравари го разрешил директорот на кумановската болница доктор Стефан Трајановски откако во медиумите беше објавено дека 32-годишниот пациент Ведат Адеми починал откако му била администрирана венска линија со лек што содржел аналгин, на кој тој бил алергичен (анафилакса).
Министерот Таравари денеска рече дека директорот е разрешен откако државниот здравствен и санитарен инспекторат пронашол неправилности за кои не прецизираше какви се.
-Се надевам дека утре ќе назначиме нов директор во Општа болница Куманово. Целата документација ќе биде разгледана и предадена на Обвинителството. Се надевам дека судот ќе донесе правична одлука ако постои лекарска грешка. И тие што водиме институции, и тие што лекуваме пациенти треба да сме свесни дека ако има пропусти треба да се одговара. Затоа од утре јас ќе ве известам и ќе излеземе со името на новиот директор, рече Таравари.