Како растеле платите во ЕУ во последните 10 години?

Фото: EPA-EFE/ARSHAD ARBAB

Минималната плата во земјите на Европската унија значително порасна во последната деценија, особено во Централна и Југоисточна Европа. Според податоците од јануари 2025 година, највисоката минимална плата е во Луксембург – 2.638 евра, додека најниската останува во Бугарија со 551 евро.

Зад Луксембург се Ирска (2.282 евра), Холандија (2.193 евра) и Германија (2.161 евро). Хрватска е на 13. место со 970 евра, додека Словенија има минимална плата од 1.273 евра.

Пред десет години, Луксембург и Бугарија исто така беа на двата краја на табелата, но со поголема разлика – тогаш минималната плата во Луксембург изнесувала 1.923 евра, а во Бугарија само 184 евра.

Најголем раст во последната деценија бележи Романија, каде што минималната плата пораснала за 273% – од 218 евра во 2015 година на 814 евра денес. Бугарија има раст од 199%, додека Франција бележи најмал пораст од само 24%.

Трендот на намалување на разликата меѓу највисоката и најниската минимална плата во ЕУ продолжува. Во 2015 година, минималната плата во Луксембург била 10,4 пати повисока од онаа во Бугарија, а денес тој однос е намален на 4,8 пати.

Прилагодено според куповната моќ (ППС), минималната плата во ЕУ се движи од 878 евра во Естонија до 1.992 евра во Германија. Најголем напредок направи Романија, која се искачи за 14 места на оваа листа, додека Малта, Грција и Естонија забележаа најголем пад.

Зачлени се на нашиот е-билтен