Кај 95 проценти од зградите каде сме биле има некоја неправилност која може скапо да ги чини станарите, вели Плотников

Требаше да се случи трагедија за општините да ги засилат контролите за безбедноста во зградите. Пожарот во Кочани, кој однесе 59 човечки животи, го разбуди алармот за состојбата со противпожарната заштита во колективните станбени објекти.

Општина Карпош прва најави акција на Инспекторатот, која вклучува проверка на: постоењето и исправноста на хидрантските мрежи, достапноста на хидрантски црева и противпожарни апарати, како и нивната функционалност. Дополнително, ќе се утврдува дали станарите знаат да ракуваат со противпожарната опрема.

Според локалните власти, оваа акција има за цел да се ажурираат податоците за безбедноста во зградите. Општината Карпош им даде рок од седум дена на Заедниците на сопственици да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Исто така, секој станар или претседател на Заедница кој ќе забележи блокирани противпожарни скали, треба да го пријави тоа за итно расчистување.

Инспекторите од Општина Кисела Вода, во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, исто така спроведуваат засилени контроли. Тие истакнуваат дека кај новоизградените згради противпожарниот систем е дел од проектната документација, но кај постарите објекти состојбата е далеку од задоволителна. Од досегашните контроли, утврдено е дека во 80% од зградите хидрантската мрежа е функционална.

Противпожарниот сојуз на Град Скопје изминативе години извршил инспекции во над 3.000 станбени влезови, утврдувајќи дека во 95% од нив постојат одредени неправилности. На куќните совети им се даваат препораки, но интересот за подобрување на безбедноста останува слаб.

-Во текот на една година, секој од овие десет сојузи има обврска да посети 30 станбени влезови. Специјализирани екипи контактираат со куќните совети за да добијат дозвола за проверка на влезовите, пристапот за противпожарно возило, проверка на надворешната хидрантска мрежа и внатрешните хидранти со соодветната опрема. Истовремено, се проверуваат и скалите, како и коридорите за евакуација на најгорниот кат. Резултатите покажале дека 95 проценти од станбените влезови имаат некакви неправилности, кои можат да бидат многу скапи за станарите ако се случи пожар. На куќните совети им се укажува на потребата да ги отстранат овие недостатоци, се дистрибуираат и флаери со едукативни пораки, но многумина не покажуваат интерес. Претседателот на Противпожарниот сојуз на Град Скопје, Петар Плотников, вели дека, за жал, многу станари ќе се свестат за сериозноста на ситуацијата само ако се случи трагичен инцидент, вели Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз на Град Скопје .

Зачлени се на нашиот е-билтен