Во дискотеката „Пулс“, кобната вечер присуствувале 650 гости

На настапот на ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани присуствувале 650 гости, иако објектот немал капацитет за толку луѓе. Покрај тоа, биле пуштани и малолетници, а билетите се продавале без контрола на бројот на посетители и нивната возраст.

Според државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој денеска ги презентираше првичните детали од истрагата за пожарот во Кочани, меѓу присутните имало најмалку 31 дете. За случајот се води истрага против 27 физички и три правни лица.

Одговорните во клубот, заедно со управителите и обезбедувањето, свесно дозволиле преполнување на дискотеката, а еден од осомничените продавал билети без ограничување. Настапот на ДНК бил организиран без официјален договор, а за време на него биле внесени и употребени пиротехнички средства без дозвола.

Обвинителството сомничи дека токму активираната пиротехника од страна на член на бендот предизвикала пожар, при што искрите запалиле дел од таванот и огнот брзо се проширил.

Во истрагата се опфатени и сопственикот и управителот на агенцијата за обезбедување, како и нејзини вработени, кои, според обвинителот, не извршиле безбедносна проценка и не спречиле внес на пиротехнички средства, ниту контролирале дали има пренатрупаност и присуство на малолетници.

На прашањето за барањата на граѓаните за ослободување на обезбедувањето, со образложение дека спасувале луѓе, Коцевски нагласи дека нивната одговорност не се однесува само на она што го сториле за време на пожарот, туку и на тоа што претходно не презеле мерки за спречување на несреќата.

Зачлени се на нашиот е-билтен