Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, според државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски, довеле до тоа, да при користење на пиротехнички дејствија за време на настап на „ДНК“ во клубот „Пулс“ во Кочани, биде предизикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица, меѓу кои шест деца, а биле повредени 197 лица, од кои 25 деца.
– Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност заживотот и телото на луѓето и имот од големи размери, изјави Коцевски.
Доколку се обезбедат докази, Коцевски, рече дека во истрагата ќе бидат опфатени и други засега не утврдени лица.
– По кој знае кој пат Основното јавно обвинителство клиентелистички и селективно ја спроведува истрагата не водејќи сметка за вистината и издржаноста на тврдењата со кои излегува во јавноста. Пред се иритира клиентелистичкиот однос и постапување под политиканскиот притисок на извршната власт што резултира со селективност во постапувањето и соочувањето на поединци со правдата, вели во коментар за Рацин.мк адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него не е можно само поранешни функционери на органите кои се надлежни да вршат контрола и надзор над спроведувањето на законите и прописите да бидат осомничени , а не и сегашните вршители на истите тие функции. За секој од осомничените кои бил поранешен функционер еднакво е одговорен и сегашниот функционер на органот заедно со сегашниот градоначалник.
– Самата правна квалификација односно кривичните дела кои им се стваат на товар се според своето законско обележје такви да не опфаќаат дел од осомничените во истрагата и многу тешко ќе оди докажувањето на истите доколку не им се стваат на товар и други кривични дела кои ја опфаќаат нивната обврска за постапување во делокругот на своите надлежности и одговорности, а ги поврзуваат последиците од чл. 288 и чл. 292 ( Предвизвикување општа опасност и Тешки дела против општата сигурност, додава тој.
Според Давидовиќ апсурдно е постапувањето на ОЈО спрема дел од осомничените кои наводно биле обезбедување и продавале карти, а во корелација со тврдењата дека дозволиле да се внесат пиротехнички средства или да се пропуштат малолетници во клубот.
-Не постои кривично дело на пропуштање на малолетник во клуб или дискотека освен кривично дело од чл. 204 кои осомничените никако не можеле да го сторат, вели тој.
Овој член од кривичниот закон се однесува на точење на алкохол на малолетници.
Точење алкохолни пијалаци на малолетници
Член 204
(1) Тој што во угостителски или друг дуќан или место каде што се
точат и продаваат алкохолни пијалаци ќе послужи малолетник, ќе се казни
со парична казна или со затвор од три месеци до три години.
(2) Ако делото од став 1 е сторено спрема пијан мадолетник,
сторителот ќе се казни со затвор од шест месеца до три години.
(3) Ако делото од став 1 е сторено спрема дете, сторителот ќе се казни
со затвор од една до пет години.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со
парична казна.
(5) Ако на сторителот му изрече казна затвор или условна осуда со
утврдена казна затвор, судот ќе му изрече и казна забрана за вршење на
дејност.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција во петокот информираше дека верижните пропусти на службените лица довеле до трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, меѓу кои шест деца, а беа повредени 197 лица. ОЈО Кочани поведе истрага против 27 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. Според Коцевски, сите осомничени од 2012 до 2025 година не постапиле според прописите за заштита, со што создале опасност за животот на луѓето.
Тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица во клубот – закупецот, сопственикот и управителот, кои во континуитет добивале незаконски лиценци. Еден од нив наводно поткупил службеник во Министерството за економија за да обезбеди дозвола за работа. Меѓу осомничените се и поранешни високи функционери – поранешен министер, државен секретар, директори и инспектори, кои не спровеле контроли и овозможиле клубот да работи без исполнување на законските услови.
Понатаму, истрагата опфаќа и градоначалници на Кочани од 2012 до 2025 година, како и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, кои не ги извршиле своите обврски, овозможувајќи незаконско функционирање на клубот. На критичната ноќ, без формален договор, бил организиран настап на групата ДНК, а во клубот бил дозволен влез на 650 лица, меѓу кои најмалку 31 дете. Припадници на обезбедувањето не спречиле внесување и употреба на пиротехнички средства, кои довеле до пожарот. Дури и еден член на бендот е осомничен за активирање на експлозивните материјали.
Сите осомничени се приведени, а обвинителството бара притвор за сите, освен за тројца кои се хоспитализирани. Останува прашањето – дали ова обвинение ќе биде правно одржливо или ќе заврши како уште еден случај со селективен пристап и нецелосна правда?
Основниот суд во Кочани одреди 30-дневен притвор за 24 од вкупно 27 осомничени во истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде загинаа 59 лица, а речиси 200 беа повредени.
Меѓу притворените се и тројцата градоначалници на Кочани – актуелниот во заминување Љупчо Папазов, како и неговите претходници Ратко Димитровски и Николчо Илијев. Папазов, кој дента по трагедијата беше повикан на информативен разговор и потоа пуштен, во меѓувреме поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Покрај нив, 30-дневен притвор им е одреден и на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и на раководителот во Министерството, Беким Хаџиу.
Во рамки на одделна истрага, обвинителството за организиран криминал покрена постапка против седум високи полициски службеници од Штип и Кочани, кои исто така се во притвор.
Соња Танеска