Осум убиени жени во Косово, суспендирани 13 полицајци и обвинителки

фото: rtv fontana

Убиството на 49-годишната Арлинда Зекај во Косово откри сериозни пропусти во институционалната заштита на жртвите на семејно насилство. Иако повеќепати барала помош и предупредувала дека нејзиниот живот е во опасност, таа беше убиена на 25 октомври во Витомирица, кај Пеќ. Случајот предизвика масовни протести, суспензија на 13 полициски и обвинителски службени лица и оставка на директорот на косовската полиција.

Арлинда е осмата жена што годинава, според организациите за женски права, била убиена во случаи поврзани со семејно насилство во Косово.

Илјадници граѓани излегоа на улиците на Приштина, барајќи одговорност од полицијата, обвинителството и институциите задолжени за заштита на жртвите.

Демонстрантите фрлаа црвена боја врз владини објекти, симболично обвинувајќи ги институциите дека не го спречиле насилството.

Три дена пред убиството предупредила дека е во опасност

Според објавените информации, Арлинда со месеци пријавувала семејно насилство и барала заштита од својот сопруг.

Само три дена пред убиството, таа го известила обвинителството дека институциите ја префрлаат одговорноста една на друга и дека се плаши за својот живот.

По приведувањето на сопругот, се вратила дома без полициска придружба.

Според сведочењето на член на семејството, таму била нападната и убиена со секира од деверот.

Новиот извештај на Косовскиот обвинителски совет открива дека надлежната обвинителка била известена за закани и прекршување на заштитните мерки, но не презела соодветни чекори за проценка на ризикот.

Суспензии во полицијата и обвинителството

Косовскиот обвинителски совет ги суспендираше главната обвинителка во Пеќ, Лумтурије Вучетај, и обвинителката Арлинда Налбани-Гацафери, која постапувала по случајот.

Истовремено се суспендирани и 11 полициски службеници од раководната структура во Пеќ.

На 30 октомври премиерот Албин Курти ја прифати оставката на генералниот директор на полицијата Газменд Хоџа.

Овие мерки се преземени додека траат истрагите и дисциплинските постапки и не претставуваат конечна судска одлука за индивидуална вина.

Курти го оцени случајот како системски неуспех.

Законите постојат, но жените и понатаму се изложени на опасност

Косово располага со законски механизми за заштита од семејно насилство, но организациите за човекови права предупредуваат дека нивната примена е нерамномерна.

Според полициските податоци, во 2025 година биле регистрирани 2.815 пријави за семејно насилство.

Случајот на Арлинда повторно го отвора прашањето дали пријавите на жените навреме се проценуваат како ризик за животот, или остануваат административни предмети што се префрлаат меѓу институциите.

Нејзината смрт предизвика јавен притисок за промени, но за граѓанските организации суштинското прашање е дали суспензиите ќе бидат проследени со подобар систем за заштита.

Бидејќи Арлинда не починала без претходно да побара помош. Таа предупредувала, пријавувала и барала заштита. Сега институциите треба да одговорат зошто таа не била обезбедена.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?