Мексиканскиот министер за безбедност, Омар Гарсија Харфух, изјави дека нема докази дека таканаречениот „ранч на ужасот“, каде што биле пронајдени човечки остатоци, бил „логор за истребување“, туку дека тоа е полигон за обука на картелите, каде што ги убивале оние кои се спротивставувале.
„Кампот за истребување е место каде што стотици и илјадници луѓе се систематски убиени, мислам дека сите го разбираме тоа. Во овој момент, повторувам, немаме докази дека тоа бил логор за истребување, туку место за обука“, рече Гарсија Харфух, за Ројтерс.
Група граѓански активисти неодамна откри масовна гробница во Теучитлан, Халиско, заедно со неколку печки кои можеле да се користат за кремирање на тела и стотици чевли и ранци.
Активистите, локацијата ја опишале како „логор за истребување“. Мексиканскиот јавен обвинител Алехандро Герц вети истрага, додека мексиканците се сомневаат дека убиствата се поврзани со организиран криминал.
Во Мексико повеќе од 124.000 луѓе се водат како исчезнати, главно како резултат на насилството на нарко картелите.