Трамп не се откажува: „Гренланд мора да биде наш“

Откако се врати на власт во јануари, Доналд Трамп постојано повторуваше дека САД мора да ја преземат контролата врз Гренланд, не исклучувајќи ја можноста за употреба на сила за постигнување на таа цел.

„Потребен ни е Гренланд за меѓународна безбедност. Ни треба. Мора да го имаме. Мразам да го кажам, но едноставно мораме да го имаме“, рече Трамп во интервју за подкастерот Винс Кољанезе.

Гренланд, кој бара независност од Данска, е богат со неискористени резерви на минерали и нафта. Стратешката локација меѓу Северна Америка и Европа го прави клучна област во време на растечка геополитичка трка меѓу САД, Кина и Русија за доминација над Арктикот.

На прашањето дали мисли дека народот на Гренланд е подготвен да стане дел од Соединетите Држави, Трамп рече дека не е сигурен. „Мораме да ги убедиме. И мора да ја имаме таа територија, бидејќи без неа не можеме соодветно да одбраниме голем дел од светот, не само Америка“, рече американскиот претседател.

Данскиот премиер: Гренланд не е на продажба

Изјавите на Трамп предизвикаа реакција на данската премиерка Мете Фредериксен, која се огласи на социјалните мрежи.

„Не смееме да имаме илузии – интересот на претседателот Трамп за Гренланд не исчезнува. Тие знаат дека Гренланд не е на продажба. Тие знаат дека Гренланд не сака да биде дел од САД“, напиша Фредериксен на Фејсбук.

Изјавите на Трамп доаѓаат додека американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс се подготвува да ја посети американската воена база во Питуфик на Гренланд.

Функционерите на Гренланд со години нагласуваат дека не сакаат да бидат дел ниту од Данска, ниту од САД. Соред анкетите, мнозинството граѓани поддржуваат целосна независност.

По изборите одржани на 11 март, Гренланд моментално има преодна влада, додека политичките партии сè уште преговараат за формирање нова коалициска влада.

Зачлени се на нашиот е-билтен