Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека вчерашниот самит за поддршка на Украина во Париз е многу „мотивирачки“ и порача дека Украина нема да се откаже од својата независност.
„Мислам дека самитот беше многу мотивирачки… Мислам дека мојот дијалог со лидерите е мотивирачки. Мислам дека сите лидери се полни со енергија. Мислам дека лидерите не не напуштаат, туку ќе ја поддржат Украина. Ова е лош сигнал за (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски на прес-конференцијата по лидерската средба за поддршка на Украина и безбедноста во Европа, пренесува украинскиот Интерфакс.
Тој рече дека Украина е силна земја која навистина сака мир.
„Нема да се предадеме, да се откажеме од нашата земја, од нашата независност. Путин едноставно не може да го направи ова со нас… Ние не сме сами“, нагласи Зеленски.
Тој посочи дека за него е важно Украина да е во силна позиција во мировните преговори и дека и се потребни гаранции од САД дека Русија нема да започне нова војна.
„За мене е важно Украина да има силна позиција во преговорите. За да имаме шанса да ја завршиме војната преку преговори – и не само да ја завршиме, туку да имаме праведен, траен мир, за утре повторно да нема војна – сакам гаранции од САД“, рече Зеленски.
Според него, овие гаранции не треба да зависат од тоа кој е моментално во Белата куќа. Зеленски додаде дека на вчерашната средба лидерите на земјите од „Коалицијата на подготвените“ изразиле едногласна одлука дека нема да има укинување на какви било санкции наметнати кон Русија.