Бегај: Албанија и Косово треба заедно да чекорат на патот кон ЕУ

„Албанија и Косово треба заедно да чекорат на патот кон ЕУ“, изјави денеска во Косово албанскиот претседател Бајрам Бегај за време на свеченоста на која беше прогласен за почесен граѓанин на Гњилане, јавија албанските медиуми.

Заблагодарувајќи се на почитта, Бегај во својот поздравен говор по добивањето на титулата, истакна дека „понизно прифаќа да биде почесен граѓанин на Гњилане, град на традиција, историја, жртви и издржливост”

„Оваа титула, рече претседателот им припаѓа на сите Албанци, кои во најтешките моменти од историјата на Косово застанаа покрај вас и со вас, како нераскинлив дел од едно заедничко стебло” стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Бегај нагласи дека Албанија отсекогаш била до Косово и дека двете земји придонесуваат за стабилноста во регионот и сакаат да бидат дел од Европа, на која и припаѓаат „со вредности и историја“.

„Ние Албанците сме народ кој верува во демократијата, слободата и евроатлантските вредности. Албанија и Косово мора заедно да чекорат на патот кон ЕУ, рекол албанскиот претседател.

Тој денеска ја започна дводневната посета на Косово, за време на која се очекува да се сретне со координаторите на парламентарните групи во косовскиот парламент.

Зачлени се на нашиот е-билтен