Со уставна промена усвоена од унгарскиот парламент, на Владата ѝ се отвора можноста да забрани јавни настани организирани од ЛГБТК заедницата – вклучително и Парадите на гордоста. Одлуката предизвика остри реакции од активисти за човекови права и опозициските партии.
Владината коалиција Фидес-КНДП, предводена од премиерот Виктор Орбан, ја искористи својата двотретинска парламентарна поддршка за да протурка амандман со кој, меѓу другото, парадите и други настани што го „загрозуваат здравиот развој на децата“ може да бидат забранети, пишува „Дојче веле“.
Протести под слоганот „Сива парада“
Пред унгарскиот парламент во Будимпешта, стотици граѓани се собраа на протест, носејќи знамиња на ЕУ и извикувајќи пароли како „Правото на собирање е основно право“. Протестите беа продолжение на викенд демонстрациите под слоганот „Сива парада“, симболичен отпор кон, како што велат демонстрантите, „мрачната и депресивна политика“ на деснопопулистичката влада.
Правото на различност под удар
Амандманот 15 на Уставот доаѓа по веќе усвоен закон, со кој малолетниците немаат пристап до содржини што ја третираат хомосексуалноста или нестандардните семејни модели. Според актуелниот Устав: „Татко е маж, мајка е жена“, а на истополовите партнери им е забрането да посвојуваат деца.
Новите измени носат и парични казни до 500 евра за организаторите и учесниците на Парадите на гордоста. Полицијата ќе има право да користи софтвер за препознавање лица на овие настани.
Критики од домашни и меѓународни организации
„Ова е фронтален напад врз ЛГБТКИА+ заедницата“, изјави Давид Виг, директор на Амнести Интернешнл во Унгарија. Според него, образложението дека се штитат децата е „слабо и длабоко дискриминаторско“. Слични ставови изразија и други организации, кои предупредуваат на неуставност и кршење на основни човекови права.
Уставот сега експлицитно го признава полот само како машки или женски, утврден при раѓање. Со тоа, трансродовите и интерсексуалните лица се избришани од правниот систем, а нивната родова определба не се признава.
Закани за лицата со двојно државјанство
Новата уставна рамка овозможува и суспензија на унгарското државјанство за лица со двојно државјанство – без потреба од јасни докази или постапка. Правни експерти предупредуваат дека ваквото законско проширување е опасен преседан и отвора простор за политички прогон.
Истовремено со ова, парламентот го заостри и законот за дроги. Според Унгарскиот Хелсиншки комитет, ваквите чекори имаат за цел да внесат страв и поделби во општеството, додека Уставот станува алатка за дневнополитички интереси – по цена на демократските принципи.