Пакистан протерува Авганистанци, министерот за надворешни работи патува во Кабул

Пакистанскиот министер за надворешни работи, Ишак Дар, денеска ќе отпатува за Кабул во време кога Пакистан се соочува со кампања за протерување на Авганистанци, во која 85.000 луѓе го напуштиле Пакистан за само две недели. Повеќе од половината од нив се деца.

Министерот Дар, кој ќе биде во еднодневна посета на Кабул, изрази надеж дека посетата ќе помогне во наоѓањето решение за напнатите односи меѓу двете соседни земји. Во Кабул, тој ќе се сретне со високи претставници на талибанската влада.

Пакистанските власти ги обвинуваат околу три милиони Авганистанци кои живеат во Пакистан за наводна поврзаност со тероризам и трговија со дрога, додека талибанската влада го осудува насилството и тврди дека Пакистан ги користи мигрантите како политички инструмент.

На 1 април, Пакистан поништи 800.000 дозволи за престој на Авганистанци, а во следните денови беа враќани голем број на лица. „До вчера, 84.869 Авганистанци се вратени во својата земја“, изјави претставник од Министерството за внатрешни работи на Пакистан, додавајќи дека кампањата за протерување ќе продолжи.

Според податоците на УНХЦР, повеќе од половината од Авганистанците кои се вратија во својата земја се деца – 58% од протераните.

Зачлени се на нашиот е-билтен