Mариовскиот мед доби заштитена географска ознака

Мариовски мед

По десетгодишна постапка, мариовскиот мед доби заштитена географска ознака. Со тоа се прави важен чекор кон заштита на името од злоупотреби, поголема препознатливост на производот и подобар пласман на пазарот. Осум пчелари добија решенија за користење на ознаката.

„Десет години работевме на овој проект. Имавме многу активности, а инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство проверуваа дали ги исполнуваме критериумите и условите. Она што ме мотивираше да работам на заштитата беше злоупотребата на името ‘Мариовски мед’ од трговци што го користеа, иако производот не потекнуваше од овој регион“, вели Менде Трајковски, пчелар што учествуваше во процесот на заштита.

Географската ознака им овозможува на производителите што ги исполнуваат условите да го користат заштитеното име и да го промовираат медот како производ со препознатливо потекло. За потрошувачите, ознаката е потврда дека медот ги исполнува утврдените услови и потекнува од регионот што го носи неговото име.

„Користењето на ознаката е поврзано со исполнување на утврдените услови и со проверка на соодветноста на производството со одобрениот елаборат. Заедно со правото да се користи заштитениот назив, доаѓа и одговорноста да се зачуваат неговите посебни карактеристики. Работиме на заштита на географското потекло и брендирање на земјоделските производи што можат да ни донесат препознатливост, какви што се кочанскиот ориз, тетовскиот грав, ресенското јаболко… И европската регулатива нè насочува кон заштита на географските подрачја, со што ќе ја зголемиме препознатливоста и ќе го градиме брендот на нашите производи“, рече министерот за земјоделство Борче Серафимовски, кој на осум пчелари им додели решенија за упис во Регистарот на корисници на географски ознаки за заштитената географска ознака „Мариовски мед“.

Тој додаде дека препознатливото потекло отвора можности за дополнителен приход преку атрактивно пакување, соработка со угостителските објекти и поврзување на медот со понудата на руралниот туризам.

Заштитата на името е првиот чекор. Пчеларите сега очекуваат брендирањето да донесе поголема побарувачка и подобар пласман на мариовскиот мед.

Е. М. 

Редакција

*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?