Пожарникар за „Пулс“: Влезот бил блокиран од заглавени лица

Влезната врата на дискотеката „Пулс“ била целосно блокирана од заглавени лица, а за извлекување на еден човек во дел од случаите биле потребни двајца или тројца спасувачи, сведочеше пожарникарот Благојчо Паунов на денешното судење за пожарот во Кочани.

Паунов, кој ноќта на пожарот бил дежурен во Територијалната противпожарна единица Кочани, рече дека дојавата била примена во 2:35 часот, а првото противпожарно возило пристигнало пред објектот за околу пет минути.

Според неговото сведочење, кога пожарникарите пристигнале пред дискотеката, околу објектот веќе имало повредени и паднати лица, како и полицајци и цивили.

Кога се доближиле до влезот, затекнале голем број луѓе заглавени на вратата.

„Влезната врата беше пренатрупана од заглавени лица до висина на мојата глава“, сведочеше Паунов.

Тој рече дека пожарникарите веднаш почнале со извлекување, но по првите обиди станало јасно дека едно лице не може само да извлече заглавен човек.

По барање на пожарникарите биле формирани мешани тимови од пожарникари, полицајци, припадници на обезбедувањето и цивили, кои заедно ги извлекувале луѓето од влезот.

Паунов сведочеше дека меѓу заглавените забележале и две девојчиња кои биле свесни и барале помош. Спасувачите морале да клекнат под насобраните луѓе за да ги извлечат, додека останатите тимови продолжувале со спасувањето.

По расчистувањето на дел од влезот, пожарникарите почнале да навлегуваат во објектот со водени линии. Потоа добиле информација дека има луѓе и во просторијата означена како билетарница.

Паунов рече дека таму затекнал десетина лица во бессознание и други кои биле свесни и барале помош, по што повторно побарал дополнителни луѓе за нивно извлекување.

На судењето сведочеше и командирот на кочанската противпожарна единица Драган Апостолов. Тој изјави дека во дискотеката затекнале противпожарно сандаче со црево и млазница, но без вентил за пуштање вода, поради што не можело да се користи.

Апостолов рече и дека противпожарната единица немала добиено барање за употреба на пиротехнички средства на концертот и дека немала сознание дека таа вечер во дискотеката ќе настапува музичка група.

Сведочењата беа дадени во постапката против 13 полициски службеници обвинети за непостапување согласно акцискиот план поврзан со дискотеката „Пулс“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?