Единаесет морнари исчезнати по напад со дронови во Црното Море

Единаесет членови на екипажот се водат како исчезнати откако товарен брод беше погоден со дронови и потона во Црното Море, во близина на бугарскиот брег. Петмина морнари се спасени, соопштија бугарските власти.

Бродот пловел под знамето на Гвинеја-Бисао и потонал источно од бугарското крајбрежје, во близина на Крапец. Спасувачката операција продолжува, а во потрагата се вклучени бугарските поморски и гранични служби.

Во истиот период со дронови бил погоден и втор трговски брод, „Челзи 3“, кој пловел под знамето на Малта. Сите 15 членови на неговиот екипаж биле спасени. Според бугарските власти, нема тешко повредени.

Засега не е утврдено потеклото на дроновите.

Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека земјата нема дефинитивни докази кој стои зад нападите, но оцени дека нивниот исход оди во корист на Русија. Бугарските власти ја повикаа руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на разговор.

Русија досега не ја презеде одговорноста за нападот.

Бугарија побара дополнителна техничка помош од Европската Унија и НАТО за истрагата и за зајакнување на надзорот над морскиот и воздушниот простор.

Ова е втор тежок инцидент со трговски бродови во близина на бугарскиот брег во период од една недела. Претходно беше потопен друг товарен брод, при што исчезнаа членови на неговиот екипаж.

Последните напади дополнително ја зголемија загриженоста за безбедноста на цивилното корабопловство во Црното Море, каде што ризиците за трговските бродови растат во услови на војната меѓу Русија и Украина.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?