Едно лице загина, а неколкумина се повредени во инцидент со ролеркостер во забавниот парк „Сикс Флегс овер Џорџија“, во близина на Атланта. Полицијата отвори истрага за причините за несреќата.
Инцидентот се случил во понеделникот попладне во паркот во округот Коб, на околу 24 километри од Атланта. Полицијата засега не соопштува детали за начинот на кој загинало лицето, ниту за состојбата на повредените.
Иако надлежните официјално не потврдија на кој ролеркостер се случила несреќата, снимки од местото покажуваат дека атракцијата „Голијат“ била запрена, а посетителите биле евакуирани преку безбедносните скали.
Според изјави на очевидци пренесени од американските медиуми, маж наводно испаднал од ролеркостерот за време на возењето. Овие тврдења засега не се потврдени од полицијата, која соопшти дека истрагата е во тек.
Од „Сикс Флегс“ соопштија дека вработените и итните служби веднаш реагирале и дека компанијата целосно соработува со истражните органи.
По несреќата, компанијата привремено затвори девет ролеркостери во шест свои забавни паркови во САД. Мерката е воведена превентивно додека траат дополнителните безбедносни проверки.
„Голијат“ е отворен во 2006 година и е една од најголемите атракции во паркот во Џорџија. Ролеркостерот достигнува висина од околу 60 метри и брзина до 112 километри на час.
Полицијата на округот Коб соопшти дека случајот го истражува единицата за тешки кривични дела. Идентитетот на загинатото лице сè уште не е објавен.

