СДСМ бара оставка од Тошковски поради нарушената безбедност

По вчерашната престрелка пред полициска станица во Скопје, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за, како што велат, „тотален распад на безбедносниот систем“.

На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветаноски, оцени дека безбедноста на улиците е сериозно нарушена, а Министерството за внатрешни работи е „паднато на колена“.

„Пред очите на јавноста, во двор на полициска станица сред бел ден се случуваат крвави пресметки со загинати и повредени. Тоа е доказ дека нешто сериозно не е во ред со институциите и со системот,“ рече Цветаноски.

Таа обвини дека додека министерот Тошковски „се изживува врз граѓаните со поднесување кривични пријави за објави на Фејсбук“, криминалните групи го демонстрираат своето влијание без страв од властите.

Според Цветаноски, случајот со престрелката е само последен во низата примери кои покажуваат дека криминалот и насилството се шират, додека Министерството за внатрешни работи е нефункционално.

„Цената за неспособноста ја плаќаат граѓаните – и тоа прескапо, со своите животи“, истакна таа, додавајќи дека одговорност нема ниту за трагедијата во Кочани, каде, според неа, полицијата не презела навремени мерки.

СДСМ смета дека неопходни се итни реформи во безбедносниот систем и воведување нови мерки за зајакнување на јавната безбедност, особено во чувствителните области.

„Доста беше Тошковски. Време е за оставка, време е за одговорност“, повика Цветаноски.

Таа заклучи дека граѓаните заслужуваат да живеат во мирен, безбеден и достоинствен амбиент, а СДСМ ќе продолжи, како што рече, гласно да се бори за враќање на безбедноста, владеењето на правото и функционалноста на институциите.

Зачлени се на нашиот е-билтен