Ивановска: Димитровска мора веднаш да поднесе оставка, само така ќе се обнови кредибилитетот на ДКСК

Билјана Ивановска, ДКСК

Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), изрази сериозни сомнежи за способноста на актуелната претседателка, Татјана Димитровска, да ја води институцијата, по нејзиното појавување на списокот на осомничени во случајот „Адитив“. Ивановска бара од Димитровска веднаш да поднесе оставка, нагласувајќи дека нејзиното присуство на чело на ДКСК продолжува да го нарушува кредибилитетот на институцијата.

„Претседателката на ДКСК мора да си поднесе оставка што побрзо. На овој начин, таа продолжува да ја инфицира институцијата. Само ако си замине, ќе има простор за процес на чистење и обновување на кредибилитетот на ДКСК,“ изјави Ивановска пред почетокот на сесијата на Националната конвенција за ЕУ, посветена на борбата против корупцијата.

Во одговор на новинарски прашања, Ивановска нагласи дека случајот со Димитровска нанел сериозен удар на угледот на институцијата и на општеството во целост, но истовремено посочи дека не е време за пасивност. „Не смееме да седиме со скрстени раце. Сега е време да се бара решение. Потегот е на Собранието да најде механизми за реакција, но и самата институција треба да се посвети на самопроценка на ризиците од корупција и да преземе мерки,“ додаде таа.

Ивановска посочи дека во минатото ДКСК веќе презела чекори за зголемување на интегритетот на институцијата, како што е регистарот на ризици од корупција, но дека сега е време за преиспитување на овие механизми и поставување на нови контроли. „Треба да се направи анализа на високиот ризик од корупција и да се воведат дополнителни контроли за да се обезбеди транспарентност и отчетност,“ рече Ивановска.

Димитровска, која минатата недела беше ставена на листата на осомничени во случајот „Адитив“, е обвинета за оддавање на службени тајни на друг осомничен во истрагата за криминал во државната компанија ЕСМ, тежок 6,5 милиони евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен