Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

МНР: За инцидентот на изложбата на Сергеј Андреевски известени се Генералниот конзулат во Солун и Амбасадата во Атина

Министерство за надворешни работи на РСМ

За инцидентот во Солун, кога за време на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале, известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, соопшти МНР.

-Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот. За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи, наведува МНР.

Министерството додава дека во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што, додаваат оттаму, и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите.

Со маски на лицата, капчиња и качулки за да ги скријат нивните лица, група членови на Златна зора, која со судска одлука е криминална организација, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што е во тек изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, јави претходно дописничката на МИА од Атина.

Во објавеното видео на т.н „Фронт на подмладокот- Златна зора“ тврдат дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“, коментираат дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, а тие морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.

„Златна зора“ во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а според судската пресуда од 2020 година е криминална организација и раководството на партијата, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.

Изложбата „Неизложени дела на хартија“ ликовниот уметник Сергеј Андреевски во петокот беше свечено отворена во Солун, во присуство на голем број посетители, а уметникот вчера истакна дека уметноста не познава граници, нејзиниот јазик е универзален.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново